Monday, October 28, 2013

Внимавај што посакуваш...може и да (не) ти се оствари

Баш кога си помисли дека е крај на светот, се појави тој.
Неочекувано, од ненандеж...и го привлече вниманието. Ја заинтересира. Го запозна. И како дете од Африка, гладно и жедно, ги впиваше сите информации за него. За кратко, се поврза многу силно со него бидејќи слично размислуваа, чувствуваше дека го познава одамна. Очите и светкаа кога кога мислеше на него, срцето и трепереше од радост. Беше среќна!
 "Ова е премногу убаво за да е вистинито" - помисли, можеби е зафатен...и виде една фотографија...

Еуфоријата која ја обзема веќе неколку дена, онаа луда заљубеност, споулавените пеперутки кои слатко ја голицкаа наеднаш стивнаа, широката насмевка која ја правеше убава, привлечна, посебна...како да исчезна...ја замени израз на пораз.
-  Ете...уште едно залудно залетување, уште едно разочарување... - си помисли.
Илјада прашања и се мотаа низ глава...
Дали? Како? Зошто? ...

Дали е воопшто можно да одбереме што/кого и кога ќе засакаме? Можно ли е да се заштитиме од разочарувања?
-  Всушност, кој кого одбира, дали јас или пак тоа/тој мене?
Или нешто сакаш или не, се' друго е компромис. Разум. А разумот не е љубов. Разумот е пресметка, формула на ”pros” и ”cons”, и ”if’s”...мерење на тоа што добиваш, а што губиш.
Чувствата, од друга страна, се моментални, инстинктивни, брутално искрени...исто како кога ќе допреш прст на вклучена рингла, жешко е и те боли пред да размислиш што и зошто ти се случило...само чувствуваш! 
Како? 
Од утре,па натаму - си рече - еве...да пробам да ја скротам таа моја бујна фантазија, да го зауздам тој мој детски оптимизам, да го заштитам ова мое срце од шокови...
Ако треба да учиме од секое искуство - која би била лекцијата? Да бидам порезервирана, скептична? Но, тоа нема да сум јас повеќе...и на крај...Зошто?
Се исплати ли да се штитиш себе си од заљубување? 
- Секако дека НЕ! - брзо заклучи со насмевка на лицето.
Па за ништо на светот не би сакала да си го одземам правото на сонување, да си ја одземам надежта и особено она "мммм" неодоливо чувство на среќа кое се појави кога најмалку очекував (а најмногу ми требаше), кое ме радува сега и на кое ќе се сеќавам секогаш. :)
Како лудо возење на ролеркостер - никогаш не би ја пропуштила можноста да се возам, да го почувствувам оној адреналин, неизвесност, истовремено и страв и радост...се' она што прави да се чувствувам жива!
Во спротивно би била споменик кој само од страна го посматра животот, со скаменета насмевка, со изгубен поглед... 
Веќе одамна помина полноќ...спокојна си легна, уште порасположена се разбуди утрото за на работа. И се дотера. Денот беше сончев и ветуваше убави нешта.

Wednesday, September 18, 2013

Копнеж...кога сонот е пореален од реалноста

за сите пеперутки кои скришум те радувале,
за сите искрички кои не распламтиле,
за сите вљубени погледи кои не се сретнале,
за сите тајни мисли и сонувања,
за сите треперења и мечтаења,
за сите неизречени "Те сакам многу"
за сите воздишки кои шепотат "Те посакувам"
за сите "Би можеле јас и ти..."
за сите премолчани и неостварени љубови
Зарем не се тие најчисти, најсилни и најсовршени?

Wednesday, July 10, 2013

Luna живее во мене


Пред две години, решив да се активирам на твитер и да почнам да пишувам блог. Требаше да си одберам псевдоним. Одбрав Luna и го напишав првиот пост.
Вчеравечер, баба ми, Веселинка постарата, си почина на 88 години во дом за стари лица.
Толку беше, душичка , чудо како и толку издржа. Се бореше до крај. Никогаш не се жалеше за ништо, не признаваше кога и е тешко. Велеше од психички замор спасот е само физичка работа и се одмораше со читање книга. Гледаше само напред, лошите работи ги потиснуваше и забораваше. Си се гушкавме секоја недела, ја сакав и ме сакаше многу. Се додека човек има воља за живот ќе живее, но веќе беше уморна...
Luna живее во мене и ќе ми дава сила да се справам со се што животот ќе ми донесе.
Почивај во мир, бабичке.

Monday, October 8, 2012

За еден шармер

Ги конзумираше девојките како што ги конзумираше и цигарите.
Кога ќе осетеше неодложна потреба, онаа базичната, која нуди инстант задоволство.
Кога имаше проблем или стрес, или пак кога ќе му беше се ОК, онака само за кејф.
Или после добро завршена работа, како награда и потврда...во својата прегратка имаше секогаш  некоја нова, дотерана и убава девојка.
А тие се топеа пред него, макар за кратко да уживаат во неговото внимание, тоа беше се што би посакале.

Неговиот природен шарм ги привлекуваше женските погледи, освојуваше со леснотија, тој поглед, таа насмевка...ах...воздивнуваа, му се предаваа...

Други тајно го посакуваа, а некои од нив се прашуваа...Но, кој е тој всушност? Среќен ли е? За што ли мечтае? Од што се плаши? Кон што цели?

Wednesday, August 1, 2012

NOT sexy


Да си (пре)емотивен - не е секси
Не дозволувај да те погодува сечиј збор, имај повеќе самопочит.
И немој да се лигавиш и да бидеш патетичен, тоа не пали. Може само да предизвика сожалување, а...
Да сожалуваш и да те сожалуваат - не е секси

Да си слаб карактер - не е секси
Кај што плукаш не лижи, исполнувај ветувања, имај принципи!
Така ќе те ценат повеќе и ќе ти се восхитуваат, ќе ти се угледуваат


Да не знаеш што сакаш - не е секси
Ако не знаеш што, кога и зошто, тогаш нема ни да се оствари
Неостварени луѓе се незадоволни (не се секси)
Да немаш план, поента - не е секси
Ако знаеш што сакаш тогаш само храбро, зошто...
Да се плашиш - не е секси

Да мислиш дека си многу секси - не е секси
всушност изгледаш смешно и проѕирно, но...
Да не мислиш дека си секси исто така не е секси
Да си премногу критичен (кон себе и кон другите) - не е секси
Биди реален, но со широки погледи, почит кон себе и другите

Да живееш за другите - не е секси
Да се каеш - не е секси
Да си кукавица - не е секси
Да си предвидлив - не е секси

последно но не помалку важно :-))
Да носиш гаќички со раб кој се познава на тесна облека НЕ е секси!

Friday, July 6, 2012

Каков човек си ти?


Кои се вашите животни цели?
Да го проживеете животот максимално, да ги искусите сите задоволства што ги нуди овој свет пред да го напуштите? Да ја обезбедите својата иднина финансиски? Да основате своја фамилија ? Да го прошетате светот?
 или    J ?


Колку и да звучи старомодно, мојата животна цел е да бидам човек.
Да се биде човек не е лесно. Не секогаш е исплатливо и не секогаш се цени.

По што сакате да ве запамтат? Дека сте биле успешен  (ако успехот се мери во профит или статус) или дека сте биле човек, кој се однесувал почит кон останатите , со разбирање на туѓите чувства, кој несебично помагал кога можел, човек кој предизвикува насмевки кај останатите?

Деновиве си замина еден таков човек, голем во секој поглед.
И физички, но и професионално и на човечки план. Иако голем, тој човек не ги гледаше другите од високо, имаше искрен пристап, несебично се даваше себеси.  Многумина по добро ќе го спомнуваат. 
Но, дали притоа ќе се замислиме за нашите постапки во секојдневниот живот, дали разделбата ќе ни го постави прашањето како го живееме животот, дали ќе не промени?

Сите го знаеме Љубе Лигавиот (ова второво наместо презиме). 
Колкумина од вас го погледнале со презир или подбивање, со одвратност? Поголемиот број на луѓе едноставно го избегнуваат, ако го сретнат во автобус се тргаат на другата страна или се симнуваат на следната станица.
Колкумина од вас одговориле со насмевка на неговата насмевка? Да, верувајте Љубе знае да се смее. Сите знаеме како лошо изгледа, но малкумина почувствувале колку лошо мириса, бидејќи не дозволуваат да им се приближи.

Не дека сакам да се прикажам како македонската Лејди Ди, но неколкуте моите неколку средби со Љубе  во автобус на ЈСП поминале вака.
Влегов во тројка заедно со него,штом седна на едно место луѓето се раздвижија почнаа да се преместуваат, јас се качив горе, гледам и тој дојде горе. Дојде до мене и ми се насмевна, и јас се насмевнав (што ме чини една насмевка?), ми подаде рака за да се поздрави, а јас не можам да останам рамнодушна на подадена рака па се поздравив. Ми покажа дека сака да седне до мене, го пуштив да седне. Беше пресреќен. Не умее да зборува но дефинитивно сакаше да оствари контакт и комунициравме. Од новчаникот ми ја покажа годишната автобуска карта, потоа сакаше да ме држи за рака, му одговорив дека не може така и да гледаме напред каде вози автобусот. Потоа ја фати рачката од мојата торба и се задоволи со тоа. Па ми покажа дека ги прекрстил нозете за и јас така да седнам, или дека треба косата да си ја поднаместам или дека имам убаво прстенче... Тој човек како и сите ние има огромна потреба од љубов, разбирање, комуникација, прифаќање, почит. Сме се запрашале ли која е неговата животна судбина, што му се случило, како преживува секој ден? Не. Ќе речеме дека тоа не е наша грижа, ниту сме ние виновни за неговата состојба. Но што можеме да направиме за него. Да му подариме човечки однос, насмевка, тоа ќе му значи повеќе од парче леб. Тоа се тие работи што се највредни, а се без пари. Жената позади му рече да не ми досадува, и тој после неколку станици се симна. Реков дека не сакам да сум груба кон него, а потоа се симнав и јас.  Станувајќи ја погледнав жената и таа ми се насмевна. И убаво ми беше. 
Дојдов дома, измив раце и еве го пишувам ова.
Или уште еден пример...
Во мојата населба живеат циганчиња (или Роми нека бидат, како сакате). Во најурбаната и најбогата населба Аеродром живеат Роми. Поточно преживуваат. Ах, колку ли само ја нагрдуваат оваа општина која целата заблеска со езерца, фонтани и цркви (макети?!). Кога би можело да ги снема, да ги преместат негде...тие се нечисти, живеат под мост, пијат, гласно се расправаат ништо не работат, не придонесуваат.
Или пак, да го разгледаме второто сценарио, да ја смениме сликата со тоа што дел од милионите ќе ги искористиме за изградба на еден објект каде би се сместиле овие луѓе, дел од средствата да се дадат на лица кои посветено и искрено ќе работат на нивна интеграција во општеството, едукација, обуки за вработување, но и едукација на целото население за да се смени перцепцијата и да се разбијат предрасудите кои се создавале со векови наназад. Но зборувам за вистински напори, не проформа колку да се добијат пари од меѓународни фондови и да се оправдаме пред себе си дека сме пробале ама не бива. Мора да може, мора да успее. Не преку ноќ, но со вистински заложби , континуирано и упорно работење, би требало да дојдеме до некои резултати. Но, тоа е потешкиот и подолгиот пат, полесно е однапред тој проект да го осудиме на пропаст, а Ромите да ги дислоцираме, избегнуваме и решен проблем. Нашата реалност ќе биде поубава, а скоро секогаш личните интереси се на прво место пред општествените или интересите на другите (капитализам наспроти социјализам).
И додека тренирав за Скопскиот маратон (истрчав полумаратон 21,1 км J) на кеј , еден ден се загревав, се истегнував и одеднаш приметив неколку пара нозе околу мене. Кревам глава и гледам едно пет-шест циганчиња,на различна возраст, голи, боси, кој со влечки, кој со кондури два броја поголеми, некој вози импровизиран точак...но сите вежбаа заедно со мене. Јас ќе почнам една вежба, тие по мене. Лево десно, раз-два, три...сите насмеани, јас уште посреќна. Па си направивме и муабет каде учат, кој кое одделение е, како им оди. Не беше за чудење, физичко им е најомилен предмет. J
Секако ми побараа пари,по дифолт им доаѓа, но им реков дека немам и веднаш заборавија на тоа, поинтересно им беше вежбањето и муабетот, се истепаа кој прв да ми раскаже кај живее, имаше дури и од Шутка дојдени. И тргнав да трчам, им велам Чао!”, кога гледам цела сурија деца трча заедно со мене. Трчаа десетина метри и се изморија, а и каде ќе трчаат без патики?! JИ од тогаш секогаш кога ќе ги сретнам ме поздравуваат зошто сме другари.
Веројатно мојот став е ваков бидејќи сум растена и воспитувана во друго време, а и не мислам дека треба да се сменам.
Го паметам класниот од основно, Перо се викаше , предаваше македонски јазик, имаше завршено и медицина,но и педагогија, работеше како педагог и беше одличен во тоа. Строг, но праведен, не научи на вистински вредности, не беше само професор туку и воспитувач во вистинска смисла. 
Нашето одделение беше мултинационално, пример како треба да функционира едно одделение . Класниот час беше време кое квалитетно се користеше за разговори на значајни теми,на пример се договаравме да ја одржиме личната хигиена, а кој нема марамче или не му се исечени ноктите е казнет симболично (10 денари) па така формираме фонд на пари кои се користеа за да се набават потребни медицински материјали: ханзапласт, аспирин или спреј за евентуални повреди. Ако беше во план екскурзија правило е да одиме сите без исклучок, а ако имаше некој кој нема доволно пари се организиравме заеднички. Во септември јадевме ајвар , за Бајрам - баклави, на Велигден се кршевме со јајца, учевме за различностите и живеевме со нив.
Ќе ја спомнам и мајка ми која беше професорка по виолина. Додека другите професори суптилно ги избегнуваа циганчињата, таа имаше еднаков третман кон сите ученици. Им помагаше колку можеше, со материјали,струни, ноти, виолини доколку немаа, за да се служат бидејќи имаа талент, таа ги гледаше како деца и ученици, не како циганчиња. Имаше искрен пристап кон сите, никого не потценуваше. Татко ми еднаш рече, "Биљана никому не oстана должна, а сите и должиме неа. "  
Ретки се ваквите луѓе. И обично никој и не знае за нив, не се планетарно познати како Бионсе и како Џорџ Буш, не се ни богати ни славни, но оставиле своја трага, предизвикале нечија насмевка, подариле љубов и топлина.

Каков човек си ти?


Monday, June 25, 2012

Изгубено



Од секогаш  сум била по малку изгубена...:-)

Изгубив наочари за сонце, обетка и други ситници, но истите ги заменив со нови поубави.
Изгубив паричник со пари и документи, но не и чувството за вистински вредности.
Изгубив време  чекајќи по шалтерите,  но сепак не ги загубив насмевката и нервите.
Ја изгубив и планинарската книшка, но не и спомените.
Изгубив и по некој пријател, но не и вербата во луѓето.
Изгубив глава по еден, но не  и разумот...