Sunday, April 1, 2012

Нашата приказна


Не, нема да пишувам за нас.
Приказните се пишуваат за да се раскаже нешто што завршило. А сеедно дали е среќен крај или несреќен, крајот е крај. А јас не сакам краеви.

Нашата приказна трае.
Таа е само наша, љубоморно чувана и скриена од другите, таква треба и да остане. 
Нашата приказна е некаде помеѓу сонот и јавето, или е само сон? 
Ако треба да и дадеме име, да ја сместиме во некој жанр, ќе биде многу тешко, бидејќи таа е толку необична што излегува надвор од воспоставените правила кои важат за приказните. Секако дека не е класична романтична приказна, не е ни од оние стереотипни летни авантури, не е ни од оние швалерски секси прикази.  
Нашата приказна е толку необична, некогаш возбудлива, некогаш смирена, до крај непредвидлива...можеби зошто е невозможна.
Ете толку е посебна нашава приказна што не можам да најдам ни зборови за да ја опишам. 

И покрај се трае, не е до крај раскажана.
А каде води кој би знаел?
Некој паметен рекол не е битна дестинацијата, уживај во патувањето, така јас уживам во секој момент, каков и да е крајот, вреди секој миг поминат во создавањето и сонувањето на таа наша приказна.









Еден ден ќе ја раскажам некому, за да излезе од душава, да се ослободи, да заживее, за да потсети, за да разбуди чувства, солзи можеби или насмевка, или прашање зошто не беше поинаку и што ако беше поинаку...

Saturday, March 10, 2012

Невреме



Македонија, 2012

Утрово "изгреа" нов статус на мојот фејсбук профил:
Времето денес: Променливо, тензично и тешко, со повремени барокни периоди. 
Не е препорачливо за луѓе со слабо срце, кревки нерви, и партиски необоените.”

Во ист стил, кратко видување на времето во кое живееме.
Време – невреме.

На Балканoв од секогаш провејувале и ладни воздушни струи, проевропски и прогресивни, идеи за социјализам, еднаквост, обединување. Феноменот карактеристичен за ова подрачје е ветрот Југо (братство и единство) денес кај некои предизвикува носталгија ,кај други потсмев. Дали е тоа апстрактен поим?

 Се чини дека преовладуваат жешките струи кои умерената континентална пролет ја претвораат во спарно лето, па (на места и повремено) доаѓаат  периоди на поделби, меѓуетнички тензии и војни.

Има Македонија поволна клима,умерена-континентална, природата дала и пасишта и шуми и полиња, може тука да се живее убаво , да се произведува и да се опстојува, има  неоткриени природни убавини, езера, водопади, необично убави места каде ѕвездите се на дофат на рацете. 
Но јужниот ветер носи црни облаци, па сонцето (нашиот симбoл) тешко се пробива, преовладува тмурна атмосфера, тежина, внатрешни превирања. 

Време-невреме.
Време на вечна транзиција. Транзиција кон што? Знаеме ли кон што целиме, каде се стремиме? Како некое огромно торнадо да не има вовлечено па постојано се вртиме во круг повторувајќи ги истите прашања на кои нема одговор:  Кои се предавници, а кои патриоти, кој е крив? Кој прв почна? Каде се парите?
Заглавени во торнадото (минатото), очите ни се полни со прав, не се осмелуваме да ги отвориме и да фрлиме поглед подалеку, или од страв сме се пикнале по подрумите и чекаме невремето да помине. Но тоа трае толку долго што преживувањето стана начин на живот. 

Бидејќи еден е животот и е краток, сакам квалитетно да го живеам. Не сакам повеќе да пишувам постови за безбедносната, политичката и економската ситуација, прво зошто нема никој да ми стави лајк, второ зошто не е моја работа да се занимавам со тоа и трето зошто има многу поинтересни теми за пишување. 
На пример сакам да го опшишам чувството на среќа кога си заљубен или после искачување на некој планински врв, или да споделам некој успех, идни планови, записи од патувања, или идеи од типот "што би било кога би било...?" 

...Ама западните ветрови дуваат се подалеку од нас, за многу земји донесоа поволна клима, подобри времиња, нови хоризонти... 

Friday, February 3, 2012

BACK TO THE FUTURE



Како би било да го "дотераат" и Музејот на современа уметност во #барок стил,а? :-) Па што?!
Ајде, кад је бал – нек је маскенбал! Бар да е цел град у ист стил. Инспирирана од последниот проект на Владата на РМ почнав да се прашувам, навистина што ни се случува и каде води сето ова? Дали #Скопје2014 е резултат на:
 Наивност и незнаење
 Невкус
- Желба да се дрпне што повеќе кеш (дури се на власт)
 Или е одраз на целокупниот политички амбиент во државава?
  
Веројатно од се по малку (или по многу?!).
Но најмногу ќе се задржам на последното, и ќе се обидам да си одговорам зошто БАРОК?

Ѕирнав на википедија да видам што кажува за епохата барок.(не дека прв пат слушам туку баш ме интересираше колку ќе ме просветли македонската википедија, воедно се оградувам од сите грешки од типот на  "архитектите и вајарите тражат нови димезии"  и сл.) 
И се изненадив од тоа колкава е сличноста, да не речам, буквално во секоја реченица ја видов Македонијава денес, (значи не е случајно барок?! :-)).

Се вели дека датира од 17ти век "во периодот кога се афирмираат големите национални монархии".
ОК тука е и првата асоцијација со Македонија денес -  една партија, поточно еден човек пали-гаси и одлучува за сите прашања. Најстручен, најпаметен, најхаризнматичен, еден и единствен #Ж.
Нема двоумење или преиспитување на одлуките, нема дебата, нема критика, се се зема здраво за готово, како ќе каже тој.

Oдиме понатаму...
 "Италија во овој период е расцепкана и политички слаба, а Рим и понатаму е центар на уметноста"
Само заменете го зборот Италија со Македонија, a Рим со Скопје и тоа е тоа.

Бидејќки темата е архитектура да видиме каква била истата во 17ти век "монументално и грандиозност како и нагасувањето на чувствата, со цел да се створи впечаток врз човекот. Црквите требале да бидат слика од небото на земјата, а палатите и замоците да репрезентираат богатство и моќ"
Ви звучи познато? Да да, земјата која е рангирана како најмизерна се обидува да продаде“ моќ и богатство?!

Следниов пасус зборува за влијанието на црквата.
"Барокот се формирал од темата која го поттикнувала човекот да размислува и оние кои требале човекот да го допрат длабоко за да размислува за потребата на верата. Црквата со сите средства се трудила да ја задржи положбата која ја имала."

Да не ме разберете погрешно, немам ништо против верата, секој мора да верува во нешто за да има мотив да се разбуди наутро, НО исто така секој има неприкосновено право да верува во што сака.
Некој верува во Бог,трет во себе, некој верува во силата на љубовта, има и такви кои и да видат не веруваат, ама неможеме да им замериме. Мојот Бог е природата. 
Во 21ви век, треба цела енергија да се насочи кон откривање на нови ресурси, да се размислува прогресивно, како да се надминат разликите во распределбата на богатството, да нема гладни и жедни (па нели е се ова христијански?)  да се зголеми ефикасноста, да живееме поисполнет и посреќен живот? Наместо тоа имаме ситуација на ограничување на правото на абортус?!, лицитација на златни лопати?!, a лаптопот е во нашите глави и срца?!, градиме цркви наместо засолништа за бездомниците кои умираат по улиците од глад и студ...Каков апсурд. 

Kако што барокот влегува на голема врата во нашата мила земја така и црквата се засилува и се враќа во мода.

И на крај вели имало подем на поезијата...

"Се пишувале љубовни стихови, а доаѓаат до израз обидите да се опејат телесните убавини на девојката, детално опишување на женската убавина."
.... за жал баш тука не гледам некаква паралела, во услови кога и издаваштвото е под палка на државата, нема многу простор ни за поетите
Нема леб за нив, им преостанува само сатисфакцијата да објавуваат е-книги кои се превземаат бесплатно и да се радуваат на бројот на споделувања. Споделив и јас. 



Monday, January 16, 2012

Just saying...



Ако престанат да се мешаат:

верата со црквата,
а црквата во политиката,

политиката во спортот и бизнисот,
а бизнисот во пријателството и љубовта,

пријателството и љубовта со сексот,
а сексот со парите,

парите со моќта и статусот,
а моќта и статусот со среќата,

...веројатно се ќе беше полесно.

Friday, December 30, 2011

Новогодишна желба


Ако посакам здравје, пари, среќа
парите се отепувачка
среќата со пари нес е купува
а здравјето нема цена


Ако посакам остварување на сите желби и соништа
Што ќе ми остане потоа?
Џабе живееш ако не сонуваш.

Ако посакам успех,нема да згрешам
но и успехот е релативен.
Секогаш може уште повеќе, подалеку, подобро.

Посакувам ЉУБОВ.
Зошто таа никогаш не е клише,
лекува,
мотив е и поддршка за секој успех,
и да е само копнеж и неостварен сон,
љубовта е се што ми треба.


За оние кои ја нашле,
да ја чуваат, негуваат, милуваат

За оние кои сеуште ја бараат, 
да уживаат во потрагата
Таа нив ќе ги пронајде.

За оние кои од неа се разочарале
да и дадат уште една шанса,
и уште една, и уште една.

За оние со слатка дилема
помеѓу разумот и срцето
навивам за срцето :-)

За оние кои тајно љубат,
За оние за кои љубовта станала навика,
За оние кои велат "Нашето поминало"
...
Застанете за момент,
Гушнете  и бакнете се,
Танцувајте, споделувајте, милувајте се,
Радувајте се заедно
Кажувајте си смешки почесто
Приредувајте си убави изненадувања.

Уживајте во секој момент од 2012 година. :-)

Sunday, December 11, 2011

Скопје-Водно-Матка (Светски ден на планината 11.12.2011)


 Недела 11.12.2011,
 додека градот спие по лудо поминатата саботна вечер , планинарите се будат рано во 6...зборно место Кочо Рацин во 7.
Се пребројуваме, од 12 attending само тројца на зборно место...
Ратко, јас и Дамир 08:50 h. на врв


















Секој има своја причина зошто не стигнал (некој болен, некој не е во градов, некој го мрзи да стане рано..) но сите што дошле (и не само од Скопје, туку и автобуси со планинари и од другите градови) имаат само една причина, за сите иста, а тоа е да се биде во природа. Да се помине еден ден на чист воздух, во дружење и  физичка активност, да се откријат (или да се доживеат одново) убавините кои од секогаш ни биле на дофат. Имаме парк-шума во градов, идеална за рекреација, имаме кањон, имаме манастири изградени на најнепристапни истовремено и најубави места.
И се ова го знаеме, но мечтаеме секогаш за некоја друга земја, секогаш поубава, некои подобри времиња, заборавајќи да го живееме моментот сега и овде.
Водно

Времето беше одлично, студено, но не премногу, не дуваше дури ни на врв на Водно, значи идеално. 










Друштвото беше мало, но одбрано J, се смеевме, малку дебатиравме, се сликавме по пат,  од време на време застанувавме за да поуживаме во глетката... додека Скопје одозгора изгледаше како  езеро (потонато во магла), пред нас се отвори хоризонт на планински врвови: Солунска Глава, пред нас Скопска Црна Гора, Шапка (со снежна шапка).
Одевме по сртот, наместо по другата обиколна патека, според Дамир (нашиот водич) одевме по најекстремната патека но со најубав поглед. 

Манастирот Свети Никола Шишевски

Излеговме кај Шишевскиот манастир, наполнивме вода од изворот и продолживме надолу по патеките со камења покриени лисја директнно до езерото.


















Повикавме чамец и преку езерото стигнавме од другата страна.
Across the lake :-)
  
И како што го преминавме езерото, преминавме од светот на дивата природа и тишината, во цивилизација: џагор, многу расположени луѓе, си мезат со греана ракија/вино, салати, ајвар и сирење...дел од нашето друштво веќе беа седнати во кафанчето на баничка со кисело млеко. Не сакам да ја уништам приказнава споменувајќи за цените во кафаната, ама 250 денари за вешалица е многу. Инаку супер беше, дури и чалгии ни свиреа, одма се направи атмосфера. Потоа така гладни и изморени пробавме (море не само што пробавме и репете земавме) од гравчето со колбас, превкусно.





Денот во декемви е краток, почна да се стемнува уште во 4-5, а и да заладува, па со полна душа од убави впечатоци тргнавме накај дома.
 Уште еден понеделник е пред нас, напорна работна недела и нови предизвици за кои енергија црпиме токму од вакви искуства во природа.

Thursday, November 3, 2011

Месец на три точки



... три точки
како тишина,
како грутка во грлото,
како возбуда, исчекување
како самоцензура,  стоп – внимавај!

... три точки
нешто помеѓу,  
ни ваму ни таму, некаде на пола пат,
како храбар почеток ...без финиш, 
како продолжува (во непознат правец).

...три точки
како се, или како ништо посебно
како јас и ти.