Wednesday, July 20, 2011

Инспирација на тема: Жените на фронт!

(копирајт на насловот @Vnukot)

Читам тема на постот на @Vnukot се Жените на фронт, а ни еден коментар од жена...тргнав со коментар ама се оддолжи малку. Од таму произлезе текстов околу феминизмот (и спомениците).

Поентата на текстот е во следната реченица:" Овие храбри жени излегле да ја бранат својата земја наместо да седат дома и да чекаат да бидат силувани од некоја непријателска војска. Ја скршиле традицијата затоа што размислувале со своја глава. Знаеле дека светот нема да пропадне ако не научат совршено да плетат, но ќе пропадне ако ја загубат слободата!" И тие жени заслужуваат споменици, не само зошто се жени туку зошто го направиле тоа иако никој не го барал/очекувал од нив....Се сеќавам баба ми имаше една дебела книга "Жените во НОБ" , колку само бев горда кога го читав делчето каде беше запишано нејзиното име со краток текст одоздола...И ако некој посветил парк на тие жени, жално е тој простор да се натрупа со машки споменици (да биде јасно, немам ништо против споменикот на бранителите, ниту со Никола Карев од спротива), но се губи смислата. Тоа му доаѓа како да си дошол на плажа да се сончаш, си ставил пешкирче решен на цела плажа да ги покажеш стомачните кога до тебе оп! чадор за сонце и фамилија со 5 деца што трччаат наоколу и галамат...Исто како што кутриот (мал) Мисирков мораше да и отстапи простор на "големата" Триумфална капија.
Значи споменициве ми се омилена тема...ете излегов малку од контекст, сакав околу феминизмот...
Не се сметам за феминистка, ниту пак сметам дека треба 51%од пратениците да се жени исто како што не сметам дека треба да има "правична застапеност" на малцинствата во државната администрација (кои мораат дома да седат зошто нема работа), на факултетите (кога јас морав да освојам над 98 бода за да влезам, а дискриминираните со 60 или 70) и.т.н. Доколку научат/работат/знаат никој нема да им го оспори тоа и ќе си го добијат заслуженото место. Јас познавам многу жени менаџери повеќе или помалку успешни - исто како и мажите. Ете ја на пример Ермира Мехмети, ем Албанка, ем жена, ем паметна и успешна. Меѓутоа Ермира не е успешна ниту зошто е Албанка, ниту пак некој и попушта (особено во политиката) зошто е жена. Ја познавам уште одамна како вредна, упорна,желна за знаење и учење, европски ориентирана, со отворени погледи и напредни размислувања. Јас не би имала ништо против нејзе да и се изгради споменик, ем е дел од сегашноста (доста живееме во античкото минатото!), ем е жена, ем е симбол на мултиетничкиот состав на државава, ем постигнала нешто , жестоко се бори за тоа што верува и успева во тоа.

Имало и ќе има силни жени , без оглед дали се познати на јавноста или не, тие оставаат траг...Mожеби мажите повеќе сакаат да се експонираат, да доминираат, да се натпреваруваат, додека во природата на жените е повеќе тивко да помагаат на другите, да се борат за правдини, да усреќат некого отколку да се себепромовираат. Во таа смисла не се ни потребни споменици, тие живеат во срцата на оние кои ги сакаат и почитуваат.

Споменик, црква, гроб...тоа е само еден куп бронза, камен, метал.....непродуктивно трошење на пари. Она што е битно не е формата туку суштината, верник си ако интимно во себе се молиш (не ако одиш пред црква за Велигден), наместо споменик на Карев, направи модерна улица во Крушево со неговото име, ем ќе остане засекогаш ем ќе има и некоја корист (и за крушевчани, но и за туристите секако, да не ги изоставиме во оваа прилика). Се работи за различни концепти, додека "комуњарите" граделе патишта, училишта, домови на културата со име на нашите херои, овциве градат споменици и уште имаат доблест да кажат дека се големи патриоти?

На крај, да завршам околу феминизмот :-) ....Секој си врши избор во животот, има жени кариеристки, има жени домаќинки и едните и другите се среќни во својата улога, тоа никој не може да им го оспори или да им каже дека не се во право.
Јас сакам да пробам се. Особен предизвик и задоволство ми е да се натпреварувам на сите фронтови (не со мажите) туку со самата себе за да си докажам дека можам (исто колку ,можеби и повеќе, од било кој маж).

p.s. А примитивните коментари од типот на "жените се лоши возачи" или "мала, ми го дигаш спомеников" не се вредни ни за коментирање...можам само да ги процесирам како вицовите за плавуши и цајкани.