Monday, October 28, 2013

Внимавај што посакуваш...може и да (не) ти се оствари

Баш кога си помисли дека е крај на светот, се појави тој.
Неочекувано, од ненандеж...и го привлече вниманието. Ја заинтересира. Го запозна. И како дете од Африка, гладно и жедно, ги впиваше сите информации за него. За кратко, се поврза многу силно со него бидејќи слично размислуваа, чувствуваше дека го познава одамна. Очите и светкаа кога кога мислеше на него, срцето и трепереше од радост. Беше среќна!
 "Ова е премногу убаво за да е вистинито" - помисли, можеби е зафатен...и виде една фотографија...

Еуфоријата која ја обзема веќе неколку дена, онаа луда заљубеност, споулавените пеперутки кои слатко ја голицкаа наеднаш стивнаа, широката насмевка која ја правеше убава, привлечна, посебна...како да исчезна...ја замени израз на пораз.
-  Ете...уште едно залудно залетување, уште едно разочарување... - си помисли.
Илјада прашања и се мотаа низ глава...
Дали? Како? Зошто? ...

Дали е воопшто можно да одбереме што/кого и кога ќе засакаме? Можно ли е да се заштитиме од разочарувања?
-  Всушност, кој кого одбира, дали јас или пак тоа/тој мене?
Или нешто сакаш или не, се' друго е компромис. Разум. А разумот не е љубов. Разумот е пресметка, формула на ”pros” и ”cons”, и ”if’s”...мерење на тоа што добиваш, а што губиш.
Чувствата, од друга страна, се моментални, инстинктивни, брутално искрени...исто како кога ќе допреш прст на вклучена рингла, жешко е и те боли пред да размислиш што и зошто ти се случило...само чувствуваш! 
Како? 
Од утре,па натаму - си рече - еве...да пробам да ја скротам таа моја бујна фантазија, да го зауздам тој мој детски оптимизам, да го заштитам ова мое срце од шокови...
Ако треба да учиме од секое искуство - која би била лекцијата? Да бидам порезервирана, скептична? Но, тоа нема да сум јас повеќе...и на крај...Зошто?
Се исплати ли да се штитиш себе си од заљубување? 
- Секако дека НЕ! - брзо заклучи со насмевка на лицето.
Па за ништо на светот не би сакала да си го одземам правото на сонување, да си ја одземам надежта и особено она "мммм" неодоливо чувство на среќа кое се појави кога најмалку очекував (а најмногу ми требаше), кое ме радува сега и на кое ќе се сеќавам секогаш. :)
Како лудо возење на ролеркостер - никогаш не би ја пропуштила можноста да се возам, да го почувствувам оној адреналин, неизвесност, истовремено и страв и радост...се' она што прави да се чувствувам жива!
Во спротивно би била споменик кој само од страна го посматра животот, со скаменета насмевка, со изгубен поглед... 
Веќе одамна помина полноќ...спокојна си легна, уште порасположена се разбуди утрото за на работа. И се дотера. Денот беше сончев и ветуваше убави нешта.