Monday, October 8, 2012

За еден шармер

Ги конзумираше девојките како што ги конзумираше и цигарите.
Кога ќе осетеше неодложна потреба, онаа базичната, која нуди инстант задоволство.
Кога имаше проблем или стрес, или пак кога ќе му беше се ОК, онака само за кејф.
Или после добро завршена работа, како награда и потврда...во својата прегратка имаше секогаш  некоја нова, дотерана и убава девојка.
А тие се топеа пред него, макар за кратко да уживаат во неговото внимание, тоа беше се што би посакале.

Неговиот природен шарм ги привлекуваше женските погледи, освојуваше со леснотија, тој поглед, таа насмевка...ах...воздивнуваа, му се предаваа...

Други тајно го посакуваа, а некои од нив се прашуваа...Но, кој е тој всушност? Среќен ли е? За што ли мечтае? Од што се плаши? Кон што цели?

Wednesday, August 1, 2012

NOT sexy


Да си (пре)емотивен - не е секси
Не дозволувај да те погодува сечиј збор, имај повеќе самопочит.
И немој да се лигавиш и да бидеш патетичен, тоа не пали. Може само да предизвика сожалување, а...
Да сожалуваш и да те сожалуваат - не е секси

Да си слаб карактер - не е секси
Кај што плукаш не лижи, исполнувај ветувања, имај принципи!
Така ќе те ценат повеќе и ќе ти се восхитуваат, ќе ти се угледуваат


Да не знаеш што сакаш - не е секси
Ако не знаеш што, кога и зошто, тогаш нема ни да се оствари
Неостварени луѓе се незадоволни (не се секси)
Да немаш план, поента - не е секси
Ако знаеш што сакаш тогаш само храбро, зошто...
Да се плашиш - не е секси

Да мислиш дека си многу секси - не е секси
всушност изгледаш смешно и проѕирно, но...
Да не мислиш дека си секси исто така не е секси
Да си премногу критичен (кон себе и кон другите) - не е секси
Биди реален, но со широки погледи, почит кон себе и другите

Да живееш за другите - не е секси
Да се каеш - не е секси
Да си кукавица - не е секси
Да си предвидлив - не е секси

последно но не помалку важно :-))
Да носиш гаќички со раб кој се познава на тесна облека НЕ е секси!

Friday, July 6, 2012

Каков човек си ти?


Кои се вашите животни цели?
Да го проживеете животот максимално, да ги искусите сите задоволства што ги нуди овој свет пред да го напуштите? Да ја обезбедите својата иднина финансиски? Да основате своја фамилија ? Да го прошетате светот?
 или    J ?


Колку и да звучи старомодно, мојата животна цел е да бидам човек.
Да се биде човек не е лесно. Не секогаш е исплатливо и не секогаш се цени.

По што сакате да ве запамтат? Дека сте биле успешен  (ако успехот се мери во профит или статус) или дека сте биле човек, кој се однесувал почит кон останатите , со разбирање на туѓите чувства, кој несебично помагал кога можел, човек кој предизвикува насмевки кај останатите?

Деновиве си замина еден таков човек, голем во секој поглед.
И физички, но и професионално и на човечки план. Иако голем, тој човек не ги гледаше другите од високо, имаше искрен пристап, несебично се даваше себеси.  Многумина по добро ќе го спомнуваат. 
Но, дали притоа ќе се замислиме за нашите постапки во секојдневниот живот, дали разделбата ќе ни го постави прашањето како го живееме животот, дали ќе не промени?

Сите го знаеме Љубе Лигавиот (ова второво наместо презиме). 
Колкумина од вас го погледнале со презир или подбивање, со одвратност? Поголемиот број на луѓе едноставно го избегнуваат, ако го сретнат во автобус се тргаат на другата страна или се симнуваат на следната станица.
Колкумина од вас одговориле со насмевка на неговата насмевка? Да, верувајте Љубе знае да се смее. Сите знаеме како лошо изгледа, но малкумина почувствувале колку лошо мириса, бидејќи не дозволуваат да им се приближи.

Не дека сакам да се прикажам како македонската Лејди Ди, но неколкуте моите неколку средби со Љубе  во автобус на ЈСП поминале вака.
Влегов во тројка заедно со него,штом седна на едно место луѓето се раздвижија почнаа да се преместуваат, јас се качив горе, гледам и тој дојде горе. Дојде до мене и ми се насмевна, и јас се насмевнав (што ме чини една насмевка?), ми подаде рака за да се поздрави, а јас не можам да останам рамнодушна на подадена рака па се поздравив. Ми покажа дека сака да седне до мене, го пуштив да седне. Беше пресреќен. Не умее да зборува но дефинитивно сакаше да оствари контакт и комунициравме. Од новчаникот ми ја покажа годишната автобуска карта, потоа сакаше да ме држи за рака, му одговорив дека не може така и да гледаме напред каде вози автобусот. Потоа ја фати рачката од мојата торба и се задоволи со тоа. Па ми покажа дека ги прекрстил нозете за и јас така да седнам, или дека треба косата да си ја поднаместам или дека имам убаво прстенче... Тој човек како и сите ние има огромна потреба од љубов, разбирање, комуникација, прифаќање, почит. Сме се запрашале ли која е неговата животна судбина, што му се случило, како преживува секој ден? Не. Ќе речеме дека тоа не е наша грижа, ниту сме ние виновни за неговата состојба. Но што можеме да направиме за него. Да му подариме човечки однос, насмевка, тоа ќе му значи повеќе од парче леб. Тоа се тие работи што се највредни, а се без пари. Жената позади му рече да не ми досадува, и тој после неколку станици се симна. Реков дека не сакам да сум груба кон него, а потоа се симнав и јас.  Станувајќи ја погледнав жената и таа ми се насмевна. И убаво ми беше. 
Дојдов дома, измив раце и еве го пишувам ова.
Или уште еден пример...
Во мојата населба живеат циганчиња (или Роми нека бидат, како сакате). Во најурбаната и најбогата населба Аеродром живеат Роми. Поточно преживуваат. Ах, колку ли само ја нагрдуваат оваа општина која целата заблеска со езерца, фонтани и цркви (макети?!). Кога би можело да ги снема, да ги преместат негде...тие се нечисти, живеат под мост, пијат, гласно се расправаат ништо не работат, не придонесуваат.
Или пак, да го разгледаме второто сценарио, да ја смениме сликата со тоа што дел од милионите ќе ги искористиме за изградба на еден објект каде би се сместиле овие луѓе, дел од средствата да се дадат на лица кои посветено и искрено ќе работат на нивна интеграција во општеството, едукација, обуки за вработување, но и едукација на целото население за да се смени перцепцијата и да се разбијат предрасудите кои се создавале со векови наназад. Но зборувам за вистински напори, не проформа колку да се добијат пари од меѓународни фондови и да се оправдаме пред себе си дека сме пробале ама не бива. Мора да може, мора да успее. Не преку ноќ, но со вистински заложби , континуирано и упорно работење, би требало да дојдеме до некои резултати. Но, тоа е потешкиот и подолгиот пат, полесно е однапред тој проект да го осудиме на пропаст, а Ромите да ги дислоцираме, избегнуваме и решен проблем. Нашата реалност ќе биде поубава, а скоро секогаш личните интереси се на прво место пред општествените или интересите на другите (капитализам наспроти социјализам).
И додека тренирав за Скопскиот маратон (истрчав полумаратон 21,1 км J) на кеј , еден ден се загревав, се истегнував и одеднаш приметив неколку пара нозе околу мене. Кревам глава и гледам едно пет-шест циганчиња,на различна возраст, голи, боси, кој со влечки, кој со кондури два броја поголеми, некој вози импровизиран точак...но сите вежбаа заедно со мене. Јас ќе почнам една вежба, тие по мене. Лево десно, раз-два, три...сите насмеани, јас уште посреќна. Па си направивме и муабет каде учат, кој кое одделение е, како им оди. Не беше за чудење, физичко им е најомилен предмет. J
Секако ми побараа пари,по дифолт им доаѓа, но им реков дека немам и веднаш заборавија на тоа, поинтересно им беше вежбањето и муабетот, се истепаа кој прв да ми раскаже кај живее, имаше дури и од Шутка дојдени. И тргнав да трчам, им велам Чао!”, кога гледам цела сурија деца трча заедно со мене. Трчаа десетина метри и се изморија, а и каде ќе трчаат без патики?! JИ од тогаш секогаш кога ќе ги сретнам ме поздравуваат зошто сме другари.
Веројатно мојот став е ваков бидејќи сум растена и воспитувана во друго време, а и не мислам дека треба да се сменам.
Го паметам класниот од основно, Перо се викаше , предаваше македонски јазик, имаше завршено и медицина,но и педагогија, работеше како педагог и беше одличен во тоа. Строг, но праведен, не научи на вистински вредности, не беше само професор туку и воспитувач во вистинска смисла. 
Нашето одделение беше мултинационално, пример како треба да функционира едно одделение . Класниот час беше време кое квалитетно се користеше за разговори на значајни теми,на пример се договаравме да ја одржиме личната хигиена, а кој нема марамче или не му се исечени ноктите е казнет симболично (10 денари) па така формираме фонд на пари кои се користеа за да се набават потребни медицински материјали: ханзапласт, аспирин или спреј за евентуални повреди. Ако беше во план екскурзија правило е да одиме сите без исклучок, а ако имаше некој кој нема доволно пари се организиравме заеднички. Во септември јадевме ајвар , за Бајрам - баклави, на Велигден се кршевме со јајца, учевме за различностите и живеевме со нив.
Ќе ја спомнам и мајка ми која беше професорка по виолина. Додека другите професори суптилно ги избегнуваа циганчињата, таа имаше еднаков третман кон сите ученици. Им помагаше колку можеше, со материјали,струни, ноти, виолини доколку немаа, за да се служат бидејќи имаа талент, таа ги гледаше како деца и ученици, не како циганчиња. Имаше искрен пристап кон сите, никого не потценуваше. Татко ми еднаш рече, "Биљана никому не oстана должна, а сите и должиме неа. "  
Ретки се ваквите луѓе. И обично никој и не знае за нив, не се планетарно познати како Бионсе и како Џорџ Буш, не се ни богати ни славни, но оставиле своја трага, предизвикале нечија насмевка, подариле љубов и топлина.

Каков човек си ти?


Monday, June 25, 2012

Изгубено



Од секогаш  сум била по малку изгубена...:-)

Изгубив наочари за сонце, обетка и други ситници, но истите ги заменив со нови поубави.
Изгубив паричник со пари и документи, но не и чувството за вистински вредности.
Изгубив време  чекајќи по шалтерите,  но сепак не ги загубив насмевката и нервите.
Ја изгубив и планинарската книшка, но не и спомените.
Изгубив и по некој пријател, но не и вербата во луѓето.
Изгубив глава по еден, но не  и разумот...

Tuesday, June 12, 2012

Авантура: Рафтинг на Тара (01-03.06.2012)


Многу поминати граници, вкусна храна, прекрасна природа и најмногу адреналин.

Голема група од шеесетина авантуристи (сите млади во духот!) се упатија кон кампот Тара. Некој за прв пат собрал храброст да оди на рафтинг, друг од љубопитство, трет заради идејата да се помине викенд во природа. Јас сум од оние кои заради потребата од адреналин повторно решија да отидат (и нема да ми биде последен пат).
Навистина долго патување, па од време на време се слушаа поплаки од типот дека е многу топло или дека е претесно во автобусот, но организаторите се потрудија и малите недостатоци да се надминат и се да биде во ред. Сепак преовладуваше позитивно расположение, запознавање со нови пријатели и дружба со старите, вицови, смеење. 
Изутрината,  ете не на Мокра Гора на падините на Златибор.



Прва станица е необичното етно село,Дрвенград,  осмислено иреализирано од страна на познатиот Емир Костурица за потребите на филмот Животот е убав. И кога си таму навистина животот е убав, мир и спокој, преубави куќички украсени со цвеќиња, дрвени улици, зелени дворови, се е како во бајките. Во меѓувреме, градот се проширил, добил нови улици (на пр. Ул Новак Ѓокович) согласно последните трендови, но го задржал истиот шарм како порано.


Цвеќиња засадени во старо тенџере, Дрвенград




Има и кино во Дрвенград :)




Црква св.Сава, олдтајмер и кучиња скитници, Дрвенград



По некоја фотографија и сувенир за спомен и се вративме на железничката станица – познатиот воз Шарганска осмица поаѓаше во точно 10:30 ч .











Поетот Михајло Чупович на овој начин ја опеа железницата:
"...Kuda je prošla ljudska stopa
 to nema svet, nema Evropa,
tome se divi i čovek i ptica,
ta čudesna šarganska osmica
Kažu, po tome se pamtiti mora
 Mokra Gora..."



Возењето е интересно, слушнавме некои историски факти и легенди поврзани со Мокра Гора , попатно застанувавме на станиците и видиковците, повторно убави фотографии и сувенири.
станица




еден од 20те тунели
Долгото патување конечно заврши, стигнавме во кампот Монтингс.
Домаќините се покажаа во одлично светло , гостопримливи и услужливи не пречекаа со одлична супа, печење , салата и десерт. И тоа не беше само прв впечаток, вечерта не изненадија со печени компири со кајмак, сирење, кашкавал , пршута и проја кои одлично одеа со виното покрај оганот. Иако храната не ни беше најважна, никој не остана рамнодушен на специјалитетите, престојот во природа, чистиот воздух ни отворија апетит, а преубавата природа и зеленилото насекаде околу нас и ѕвезденото небо не опијанија повеќе од виното и кајсијовачата.
Сместувањето и хигиената беа сосем солидни, стуја, wi-fi, топла вода – се беше ОК.  Како да не ни беа доволно активности за тој ден, па се изнаигравме и одбојка на песок, се додека сонцето не зајде.
Утро на кампот Монтингс







Но најдоброто допрва доаѓаше!
Она коешто сите со нетрпение го очекувавме – денот за рафтинг. Сончев и топол ден, ветуваше добра забава.
Спремни, опремени и полни со енергија, се распоредивме во чамците по 7-8 луѓе + 1 скипер кој на почетокот ни даде неколку упатства и корисни совети за веслање . Некои со доза на страв од непознатото, други со желба за авантура и возбуда тргнавме. Реката има необична плаво-зелена боја, кањонот е величенствен а од страните ѕиркаа пештери и водопади.
Дамир веќе од утрото ја загреваше атмосферата велејќи дека ќе го преврти чамецот. Подоцна излезе дека е сепак совесен и одговорен и иако не се превртевме си поминавме многу убаво. Полни со енегрија и со натпреварувачки дух, веславме сложно и синхронизирано, ги претекнавме сите чамци пред нас поздравувајќки ги со насмеано Чаоооо!!!и Многу љубам да веслам...
Јас ја искористив првата пауза за да седнам и да веслам напред каде возбудата е најголема. Чувството тешко се опишува со зборови затоа погледнете ги фотографиите.
Рафтинг

сложната екипа: јас, Анита, Дамир, Цаци, Билјана, Александар, Васко, и скиперот Владан

Бран(че)

Со ветување дека следниот први мај обавезно ќе се вратиме на Тара (кога нивото на реката е повисоко за 2 метри а целиот рафтинг трае само 45 минути, наместо 3 часа!) се вративме во кампот.
Успешна мисија


Логорски оган и вино















Вечер покрај огнот, со вино и гитара, песни...дури и газдата и куварот се покажаа во светло на пејачи, и така до доцна во ноќта.







Утрото тргнавме за назад. 
Застанавме во Вишеград на туфакии, поминавме по легендарниот мост на Дрина.
тоа е тој мост на Дрина, Вишеград














Босански специјалитет - десерт туфакија














Патешествието продолжи, повторно неколку граници, многу поминати километри па застанавме на скара во монденскиот Златибор, поминавме низ брдовитата Црна Гора и се вративме во Скопје доцна вечерта во недела, изморени со полни со впечатоци.

On the road again
Необичниот билкар, Златибор

Филм во 5Д "Snow ride", Златибор
Поминаа само 3 дена, а на сите ни се чинеше дека сме одмарале една недела.
Ова беше викенд за паметење! J
(Искуството на Софија е малку” поразлично, прочитајте во продолжение).

Рафтинг на Тара 01.06.2012
*нашиот втор роденден*

Примамливо звучеше турата Рафтинг на Тара”. Доволно добро да се избега од скопското секојдневие и да се воведе малку возбуда и адреналин во нашите животи. Бидејќи сестра ми Ана е родена во Сараево на први Јуни, немаше подобра причина а да не се посети Босна за нејзиниот 28-ми роденден. Понесени од оваа идеа,  јас со моето друштво се решивме да одиме на рафтинг. Тргнавме од Скопје за Босна со автомобил и може да препорачам слободно да ја искористите оваа опција, слободата е поголема отколку  возење во автобус. Решивме да одиме преку Србија, зошто патот е подобар, но да се разбереме сепак патувањето е долго и не се вози на автопат цело време. По пат ги видовме убавините на Шумадија, мостот на Дрина, Дрвен Град на Емир Костурица, овие знаменитости го направија нашето патување поинтересно.
Во приквечериото пристигнавме во Кампот Montings, изгледаше автентично со сите куќарки, а и сопствениците се потрудија овој викенд  да биде вистинско уживање, доволно човек да ги наполни батериите. Морам да признаам дека не сум голем љубител на месо, но куварот во кампот може да добие мишелинова ѕвезда за приготвеното. Сите приврзаници на ракијата може да дегустираат се што се произведува во овој регион на Босна, а имаше и доста ентузијасти во кампот кои од дома понеле сериозни количини, па ќе може да се проба и некоја домашна. Јас го претпочитам белото вино и си понесов мој залихи. Така да, ако пиете нешто друго освен ракија и пиво, мој совет, понесете си од Скопје.
И така дојде денот Р (р за рафтинг), за сите кои не биле, ве носат во Црна Гора и од таму се спуштате до кампот во Босна. Има скипер во секој чамец, претходно ви даваат опрема за да се облечете. Целото патување по реката трае од 3 до 4 саати.
Бидејќи ние бевме група од четири луѓе во чамецот се паднавме со група срби од Панчево. Заедно направивме бројка од девет луѓе, без скиперот, од кои шестмина бевме девојќи. Почна рафтингот, возбудата расте, адреналинот на високо ниво, првиот брзак поминат успешно.
Ми се допадна како скиперот ги одбра зборовите да го објасни вториот дел со брзаци, дека бил захтевен, а релно најопасен. Тука се случи нашето превртување. За да не ве заморувам со детали, само ќе ви објаснам како да реагирате кога ќе се најдете во ваква ситуација, што да направите и што да превземете, а останатото го оставам на среќа, господ, судбина, кој како милува.

Кога ќе се качите во чамец запомнете, не е шега, треба да се весла, најмогу тие што седат напред. Подобро да преовладуваат мажи во чамецот, имаат повеќе сила и полесно се насочува чамецот.
Опасно е, немој да мислите дека се е забава.
Врзете си ги убаво нозете, ама немојте премногу зошто јас неможев да ја ослободам десната нога кога се најдов под превртениот чамец.
Во нашиот случај, ние што се најдовме под чамецот, неможевме да го помрднеме, едноставно струјата и самиот брзак го држеа во едно место. Во таа ситуација останав смирена, нема место за паника, ама нема ни воздух. Устата гледајте да ја држите затворена, јас се изнапив вода, а исто и останатите. Да знате дека беше темно  и сите пробувавме да го помрднеме чамецот, ама безуспешно. Тука јас сметам дека имавме среќа, во мене имаше во мене само уште еден здив и чамецот некако се помрдна, па испливав на површина.
И мислиш дека се е завршено, ама си се зезнал. Почнува да те носи водата, и тоа брзо. Ако се најдете во ваква ситуација немој ни да помислувате да пливате (ништо нема да остане од вас). Мора да лебдите на задникот и да не мафтате многу се екстремитетите. Јас се свртев позди само да погледам каде одам, видов карпа со големина на автомобил и во мислите се збогував со себеси. Ама не е баш така, кога ќе стигнете до брзакот, поточно вртлогот, ве повлекува доле во водата и повторно ве дави. Јас така се удавив неколку пати. Устата и во овој случај треба да е затворена, доколку како мене не кашлате и повраќате вода. И нема крај, неможе да се стигне до нормален здив.
Кога почна да ме влече реката, видов како сестра ми излезе од под чамецот заедно со другарка ми Кате (да не ги мислам во тој момент, живи се). Никола другар ми не го видов никаде. Ама се е толку брзо па така да нема посебно време да се размислува за пријателите или роднините кои биле со вас.
Пловејќи така по реката видов еден чамец од кои ми имаа подадено весло, среќа го фатив и стигнав до чамецот. Бидејќи сеуште се наоѓавме во брз предел на реката, не можеа да ме качат во чамецот туку дечкот кој седеше прв, ми ја држеше раката, а јас дополнително се држев за јажињата од чамецот кои се поставено од надвор. За сите оние ако некогаш се најдете во ваква ситуација да вадите луѓе од вода, сите веслаат, само еден помага, инаку и вие ќе се превртите.
Кога се држите за чамец, како мене, треба да внимавате и да ги држите нозете на самото ниво на водата, зошто долу има карпи и може да ги искршите. Внимавајте нозете да не ви отидат под чамецот, поради таа причина гледајте што се случува во водата.
Ако мислите дека сте се фатиле и се е готово, не е така!!! Чамецот за кој јас се држев се сврте, се удри во голема карпа, а измеѓу бев јас. Носете го појасот, правилно да биде заврзан, зошто мене ме спаси за да не ја искршам кичмата и ребрата.
И добро е што има крај, кога дојдовме во помирни води, Андон кој ме спаси, ме стави во чамецот.
Остатокот од патувањето е во шок, но машки извеславме до крај. Скиперот го зеде нашиот чамец и почна да не собира сите, еден по еден. Немавме сериозни повреди, сите бевме живи и здрави.
Голема благодарност до Битолчаните (простете што не ви ги знам имињата)  што ја спасија сестра ми Ана, благодарност до скиперите кој ја симнаа Кате од дрво (уште неможам да сватам како се нашла таму), а Никола најдобро помина, после падот успеал да излезе на брегот со помош на јажињата кои му ги подале скиперите кои седеле на брегот. Исто така мора да се заблагодарам на Горан Николоски зошто предходната вечер зборувавме за оваа ситуација, и тој ни ги даде сите корисни совети.
За сите ентузијасти можам само да порачам, сериозна работа е рафтингот, не се зезајте, веслајте, бидете физички спремни од предходно, носете ја правилно опремата-навистина заштитувa.  Бидете спремни за секоја ситуација. Се гледаме следната година J.


Софија Г.


Tuesday, April 17, 2012

Едно те исто


Едно те исто, досадно.

Се вртиш во круг...ништо повеќе не те возбудува, не те ни вознемирува, не те засега, едноставно ти е здодевно. Чувство на апатија и рамнодушност, нема полошо. Како транс музика која се повторува без ритам кој би те поттикнал да играш. Како ова облачно време кое  е неодлучно и тмурно, те загушува , не ти дава ни надеж...

Досадно ти е и не знаеш што со тоа.

 Сакаш и чекаш да се случи нешто, било што само да се мрднат нештата од мртва точка. И секоја секунда трае долго, многу долго.Имаш идеи и планови, но никако да се реализираат, и тие чекаат подобри времиња, и тие немаат воља за ништо, се досадуваат.

Уф, ајде нека огрее сонце, зрак светлина, да вдишиме слободно со полни гради, да се активираме, да создаваме, да чувствуваме, да споделуваме. Само да се тргнат облациве...

Sunday, April 1, 2012

Нашата приказна


Не, нема да пишувам за нас.
Приказните се пишуваат за да се раскаже нешто што завршило. А сеедно дали е среќен крај или несреќен, крајот е крај. А јас не сакам краеви.

Нашата приказна трае.
Таа е само наша, љубоморно чувана и скриена од другите, таква треба и да остане. 
Нашата приказна е некаде помеѓу сонот и јавето, или е само сон? 
Ако треба да и дадеме име, да ја сместиме во некој жанр, ќе биде многу тешко, бидејќи таа е толку необична што излегува надвор од воспоставените правила кои важат за приказните. Секако дека не е класична романтична приказна, не е ни од оние стереотипни летни авантури, не е ни од оние швалерски секси прикази.  
Нашата приказна е толку необична, некогаш возбудлива, некогаш смирена, до крај непредвидлива...можеби зошто е невозможна.
Ете толку е посебна нашава приказна што не можам да најдам ни зборови за да ја опишам. 

И покрај се трае, не е до крај раскажана.
А каде води кој би знаел?
Некој паметен рекол не е битна дестинацијата, уживај во патувањето, така јас уживам во секој момент, каков и да е крајот, вреди секој миг поминат во создавањето и сонувањето на таа наша приказна.









Еден ден ќе ја раскажам некому, за да излезе од душава, да се ослободи, да заживее, за да потсети, за да разбуди чувства, солзи можеби или насмевка, или прашање зошто не беше поинаку и што ако беше поинаку...

Saturday, March 10, 2012

Невреме



Македонија, 2012

Утрово "изгреа" нов статус на мојот фејсбук профил:
Времето денес: Променливо, тензично и тешко, со повремени барокни периоди. 
Не е препорачливо за луѓе со слабо срце, кревки нерви, и партиски необоените.”

Во ист стил, кратко видување на времето во кое живееме.
Време – невреме.

На Балканoв од секогаш провејувале и ладни воздушни струи, проевропски и прогресивни, идеи за социјализам, еднаквост, обединување. Феноменот карактеристичен за ова подрачје е ветрот Југо (братство и единство) денес кај некои предизвикува носталгија ,кај други потсмев. Дали е тоа апстрактен поим?

 Се чини дека преовладуваат жешките струи кои умерената континентална пролет ја претвораат во спарно лето, па (на места и повремено) доаѓаат  периоди на поделби, меѓуетнички тензии и војни.

Има Македонија поволна клима,умерена-континентална, природата дала и пасишта и шуми и полиња, може тука да се живее убаво , да се произведува и да се опстојува, има  неоткриени природни убавини, езера, водопади, необично убави места каде ѕвездите се на дофат на рацете. 
Но јужниот ветер носи црни облаци, па сонцето (нашиот симбoл) тешко се пробива, преовладува тмурна атмосфера, тежина, внатрешни превирања. 

Време-невреме.
Време на вечна транзиција. Транзиција кон што? Знаеме ли кон што целиме, каде се стремиме? Како некое огромно торнадо да не има вовлечено па постојано се вртиме во круг повторувајќи ги истите прашања на кои нема одговор:  Кои се предавници, а кои патриоти, кој е крив? Кој прв почна? Каде се парите?
Заглавени во торнадото (минатото), очите ни се полни со прав, не се осмелуваме да ги отвориме и да фрлиме поглед подалеку, или од страв сме се пикнале по подрумите и чекаме невремето да помине. Но тоа трае толку долго што преживувањето стана начин на живот. 

Бидејќи еден е животот и е краток, сакам квалитетно да го живеам. Не сакам повеќе да пишувам постови за безбедносната, политичката и економската ситуација, прво зошто нема никој да ми стави лајк, второ зошто не е моја работа да се занимавам со тоа и трето зошто има многу поинтересни теми за пишување. 
На пример сакам да го опшишам чувството на среќа кога си заљубен или после искачување на некој планински врв, или да споделам некој успех, идни планови, записи од патувања, или идеи од типот "што би било кога би било...?" 

...Ама западните ветрови дуваат се подалеку од нас, за многу земји донесоа поволна клима, подобри времиња, нови хоризонти... 

Friday, February 3, 2012

BACK TO THE FUTURE



Како би било да го "дотераат" и Музејот на современа уметност во #барок стил,а? :-) Па што?!
Ајде, кад је бал – нек је маскенбал! Бар да е цел град у ист стил. Инспирирана од последниот проект на Владата на РМ почнав да се прашувам, навистина што ни се случува и каде води сето ова? Дали #Скопје2014 е резултат на:
 Наивност и незнаење
 Невкус
- Желба да се дрпне што повеќе кеш (дури се на власт)
 Или е одраз на целокупниот политички амбиент во државава?
  
Веројатно од се по малку (или по многу?!).
Но најмногу ќе се задржам на последното, и ќе се обидам да си одговорам зошто БАРОК?

Ѕирнав на википедија да видам што кажува за епохата барок.(не дека прв пат слушам туку баш ме интересираше колку ќе ме просветли македонската википедија, воедно се оградувам од сите грешки од типот на  "архитектите и вајарите тражат нови димезии"  и сл.) 
И се изненадив од тоа колкава е сличноста, да не речам, буквално во секоја реченица ја видов Македонијава денес, (значи не е случајно барок?! :-)).

Се вели дека датира од 17ти век "во периодот кога се афирмираат големите национални монархии".
ОК тука е и првата асоцијација со Македонија денес -  една партија, поточно еден човек пали-гаси и одлучува за сите прашања. Најстручен, најпаметен, најхаризнматичен, еден и единствен #Ж.
Нема двоумење или преиспитување на одлуките, нема дебата, нема критика, се се зема здраво за готово, како ќе каже тој.

Oдиме понатаму...
 "Италија во овој период е расцепкана и политички слаба, а Рим и понатаму е центар на уметноста"
Само заменете го зборот Италија со Македонија, a Рим со Скопје и тоа е тоа.

Бидејќки темата е архитектура да видиме каква била истата во 17ти век "монументално и грандиозност како и нагасувањето на чувствата, со цел да се створи впечаток врз човекот. Црквите требале да бидат слика од небото на земјата, а палатите и замоците да репрезентираат богатство и моќ"
Ви звучи познато? Да да, земјата која е рангирана како најмизерна се обидува да продаде“ моќ и богатство?!

Следниов пасус зборува за влијанието на црквата.
"Барокот се формирал од темата која го поттикнувала човекот да размислува и оние кои требале човекот да го допрат длабоко за да размислува за потребата на верата. Црквата со сите средства се трудила да ја задржи положбата која ја имала."

Да не ме разберете погрешно, немам ништо против верата, секој мора да верува во нешто за да има мотив да се разбуди наутро, НО исто така секој има неприкосновено право да верува во што сака.
Некој верува во Бог,трет во себе, некој верува во силата на љубовта, има и такви кои и да видат не веруваат, ама неможеме да им замериме. Мојот Бог е природата. 
Во 21ви век, треба цела енергија да се насочи кон откривање на нови ресурси, да се размислува прогресивно, како да се надминат разликите во распределбата на богатството, да нема гладни и жедни (па нели е се ова христијански?)  да се зголеми ефикасноста, да живееме поисполнет и посреќен живот? Наместо тоа имаме ситуација на ограничување на правото на абортус?!, лицитација на златни лопати?!, a лаптопот е во нашите глави и срца?!, градиме цркви наместо засолништа за бездомниците кои умираат по улиците од глад и студ...Каков апсурд. 

Kако што барокот влегува на голема врата во нашата мила земја така и црквата се засилува и се враќа во мода.

И на крај вели имало подем на поезијата...

"Се пишувале љубовни стихови, а доаѓаат до израз обидите да се опејат телесните убавини на девојката, детално опишување на женската убавина."
.... за жал баш тука не гледам некаква паралела, во услови кога и издаваштвото е под палка на државата, нема многу простор ни за поетите
Нема леб за нив, им преостанува само сатисфакцијата да објавуваат е-книги кои се превземаат бесплатно и да се радуваат на бројот на споделувања. Споделив и јас. 



Monday, January 16, 2012

Just saying...



Ако престанат да се мешаат:

верата со црквата,
а црквата во политиката,

политиката во спортот и бизнисот,
а бизнисот во пријателството и љубовта,

пријателството и љубовта со сексот,
а сексот со парите,

парите со моќта и статусот,
а моќта и статусот со среќата,

...веројатно се ќе беше полесно.