Saturday, March 10, 2012

Невреме



Македонија, 2012

Утрово "изгреа" нов статус на мојот фејсбук профил:
Времето денес: Променливо, тензично и тешко, со повремени барокни периоди. 
Не е препорачливо за луѓе со слабо срце, кревки нерви, и партиски необоените.”

Во ист стил, кратко видување на времето во кое живееме.
Време – невреме.

На Балканoв од секогаш провејувале и ладни воздушни струи, проевропски и прогресивни, идеи за социјализам, еднаквост, обединување. Феноменот карактеристичен за ова подрачје е ветрот Југо (братство и единство) денес кај некои предизвикува носталгија ,кај други потсмев. Дали е тоа апстрактен поим?

 Се чини дека преовладуваат жешките струи кои умерената континентална пролет ја претвораат во спарно лето, па (на места и повремено) доаѓаат  периоди на поделби, меѓуетнички тензии и војни.

Има Македонија поволна клима,умерена-континентална, природата дала и пасишта и шуми и полиња, може тука да се живее убаво , да се произведува и да се опстојува, има  неоткриени природни убавини, езера, водопади, необично убави места каде ѕвездите се на дофат на рацете. 
Но јужниот ветер носи црни облаци, па сонцето (нашиот симбoл) тешко се пробива, преовладува тмурна атмосфера, тежина, внатрешни превирања. 

Време-невреме.
Време на вечна транзиција. Транзиција кон што? Знаеме ли кон што целиме, каде се стремиме? Како некое огромно торнадо да не има вовлечено па постојано се вртиме во круг повторувајќи ги истите прашања на кои нема одговор:  Кои се предавници, а кои патриоти, кој е крив? Кој прв почна? Каде се парите?
Заглавени во торнадото (минатото), очите ни се полни со прав, не се осмелуваме да ги отвориме и да фрлиме поглед подалеку, или од страв сме се пикнале по подрумите и чекаме невремето да помине. Но тоа трае толку долго што преживувањето стана начин на живот. 

Бидејќи еден е животот и е краток, сакам квалитетно да го живеам. Не сакам повеќе да пишувам постови за безбедносната, политичката и економската ситуација, прво зошто нема никој да ми стави лајк, второ зошто не е моја работа да се занимавам со тоа и трето зошто има многу поинтересни теми за пишување. 
На пример сакам да го опшишам чувството на среќа кога си заљубен или после искачување на некој планински врв, или да споделам некој успех, идни планови, записи од патувања, или идеи од типот "што би било кога би било...?" 

...Ама западните ветрови дуваат се подалеку од нас, за многу земји донесоа поволна клима, подобри времиња, нови хоризонти... 

No comments:

Post a Comment