Friday, July 6, 2012

Каков човек си ти?


Кои се вашите животни цели?
Да го проживеете животот максимално, да ги искусите сите задоволства што ги нуди овој свет пред да го напуштите? Да ја обезбедите својата иднина финансиски? Да основате своја фамилија ? Да го прошетате светот?
 или    J ?


Колку и да звучи старомодно, мојата животна цел е да бидам човек.
Да се биде човек не е лесно. Не секогаш е исплатливо и не секогаш се цени.

По што сакате да ве запамтат? Дека сте биле успешен  (ако успехот се мери во профит или статус) или дека сте биле човек, кој се однесувал почит кон останатите , со разбирање на туѓите чувства, кој несебично помагал кога можел, човек кој предизвикува насмевки кај останатите?

Деновиве си замина еден таков човек, голем во секој поглед.
И физички, но и професионално и на човечки план. Иако голем, тој човек не ги гледаше другите од високо, имаше искрен пристап, несебично се даваше себеси.  Многумина по добро ќе го спомнуваат. 
Но, дали притоа ќе се замислиме за нашите постапки во секојдневниот живот, дали разделбата ќе ни го постави прашањето како го живееме животот, дали ќе не промени?

Сите го знаеме Љубе Лигавиот (ова второво наместо презиме). 
Колкумина од вас го погледнале со презир или подбивање, со одвратност? Поголемиот број на луѓе едноставно го избегнуваат, ако го сретнат во автобус се тргаат на другата страна или се симнуваат на следната станица.
Колкумина од вас одговориле со насмевка на неговата насмевка? Да, верувајте Љубе знае да се смее. Сите знаеме како лошо изгледа, но малкумина почувствувале колку лошо мириса, бидејќи не дозволуваат да им се приближи.

Не дека сакам да се прикажам како македонската Лејди Ди, но неколкуте моите неколку средби со Љубе  во автобус на ЈСП поминале вака.
Влегов во тројка заедно со него,штом седна на едно место луѓето се раздвижија почнаа да се преместуваат, јас се качив горе, гледам и тој дојде горе. Дојде до мене и ми се насмевна, и јас се насмевнав (што ме чини една насмевка?), ми подаде рака за да се поздрави, а јас не можам да останам рамнодушна на подадена рака па се поздравив. Ми покажа дека сака да седне до мене, го пуштив да седне. Беше пресреќен. Не умее да зборува но дефинитивно сакаше да оствари контакт и комунициравме. Од новчаникот ми ја покажа годишната автобуска карта, потоа сакаше да ме држи за рака, му одговорив дека не може така и да гледаме напред каде вози автобусот. Потоа ја фати рачката од мојата торба и се задоволи со тоа. Па ми покажа дека ги прекрстил нозете за и јас така да седнам, или дека треба косата да си ја поднаместам или дека имам убаво прстенче... Тој човек како и сите ние има огромна потреба од љубов, разбирање, комуникација, прифаќање, почит. Сме се запрашале ли која е неговата животна судбина, што му се случило, како преживува секој ден? Не. Ќе речеме дека тоа не е наша грижа, ниту сме ние виновни за неговата состојба. Но што можеме да направиме за него. Да му подариме човечки однос, насмевка, тоа ќе му значи повеќе од парче леб. Тоа се тие работи што се највредни, а се без пари. Жената позади му рече да не ми досадува, и тој после неколку станици се симна. Реков дека не сакам да сум груба кон него, а потоа се симнав и јас.  Станувајќи ја погледнав жената и таа ми се насмевна. И убаво ми беше. 
Дојдов дома, измив раце и еве го пишувам ова.
Или уште еден пример...
Во мојата населба живеат циганчиња (или Роми нека бидат, како сакате). Во најурбаната и најбогата населба Аеродром живеат Роми. Поточно преживуваат. Ах, колку ли само ја нагрдуваат оваа општина која целата заблеска со езерца, фонтани и цркви (макети?!). Кога би можело да ги снема, да ги преместат негде...тие се нечисти, живеат под мост, пијат, гласно се расправаат ништо не работат, не придонесуваат.
Или пак, да го разгледаме второто сценарио, да ја смениме сликата со тоа што дел од милионите ќе ги искористиме за изградба на еден објект каде би се сместиле овие луѓе, дел од средствата да се дадат на лица кои посветено и искрено ќе работат на нивна интеграција во општеството, едукација, обуки за вработување, но и едукација на целото население за да се смени перцепцијата и да се разбијат предрасудите кои се создавале со векови наназад. Но зборувам за вистински напори, не проформа колку да се добијат пари од меѓународни фондови и да се оправдаме пред себе си дека сме пробале ама не бива. Мора да може, мора да успее. Не преку ноќ, но со вистински заложби , континуирано и упорно работење, би требало да дојдеме до некои резултати. Но, тоа е потешкиот и подолгиот пат, полесно е однапред тој проект да го осудиме на пропаст, а Ромите да ги дислоцираме, избегнуваме и решен проблем. Нашата реалност ќе биде поубава, а скоро секогаш личните интереси се на прво место пред општествените или интересите на другите (капитализам наспроти социјализам).
И додека тренирав за Скопскиот маратон (истрчав полумаратон 21,1 км J) на кеј , еден ден се загревав, се истегнував и одеднаш приметив неколку пара нозе околу мене. Кревам глава и гледам едно пет-шест циганчиња,на различна возраст, голи, боси, кој со влечки, кој со кондури два броја поголеми, некој вози импровизиран точак...но сите вежбаа заедно со мене. Јас ќе почнам една вежба, тие по мене. Лево десно, раз-два, три...сите насмеани, јас уште посреќна. Па си направивме и муабет каде учат, кој кое одделение е, како им оди. Не беше за чудење, физичко им е најомилен предмет. J
Секако ми побараа пари,по дифолт им доаѓа, но им реков дека немам и веднаш заборавија на тоа, поинтересно им беше вежбањето и муабетот, се истепаа кој прв да ми раскаже кај живее, имаше дури и од Шутка дојдени. И тргнав да трчам, им велам Чао!”, кога гледам цела сурија деца трча заедно со мене. Трчаа десетина метри и се изморија, а и каде ќе трчаат без патики?! JИ од тогаш секогаш кога ќе ги сретнам ме поздравуваат зошто сме другари.
Веројатно мојот став е ваков бидејќи сум растена и воспитувана во друго време, а и не мислам дека треба да се сменам.
Го паметам класниот од основно, Перо се викаше , предаваше македонски јазик, имаше завршено и медицина,но и педагогија, работеше како педагог и беше одличен во тоа. Строг, но праведен, не научи на вистински вредности, не беше само професор туку и воспитувач во вистинска смисла. 
Нашето одделение беше мултинационално, пример како треба да функционира едно одделение . Класниот час беше време кое квалитетно се користеше за разговори на значајни теми,на пример се договаравме да ја одржиме личната хигиена, а кој нема марамче или не му се исечени ноктите е казнет симболично (10 денари) па така формираме фонд на пари кои се користеа за да се набават потребни медицински материјали: ханзапласт, аспирин или спреј за евентуални повреди. Ако беше во план екскурзија правило е да одиме сите без исклучок, а ако имаше некој кој нема доволно пари се организиравме заеднички. Во септември јадевме ајвар , за Бајрам - баклави, на Велигден се кршевме со јајца, учевме за различностите и живеевме со нив.
Ќе ја спомнам и мајка ми која беше професорка по виолина. Додека другите професори суптилно ги избегнуваа циганчињата, таа имаше еднаков третман кон сите ученици. Им помагаше колку можеше, со материјали,струни, ноти, виолини доколку немаа, за да се служат бидејќи имаа талент, таа ги гледаше како деца и ученици, не како циганчиња. Имаше искрен пристап кон сите, никого не потценуваше. Татко ми еднаш рече, "Биљана никому не oстана должна, а сите и должиме неа. "  
Ретки се ваквите луѓе. И обично никој и не знае за нив, не се планетарно познати како Бионсе и како Џорџ Буш, не се ни богати ни славни, но оставиле своја трага, предизвикале нечија насмевка, подариле љубов и топлина.

Каков човек си ти?